ЗНМ за односот на Бобан Милошески кон новинарка на 'Слободен печат' реагираше со допис до 'Авалон продукција', откако на конференција за медиумите посветена на концертот на Дејвид Гета тој возврати со лична квалификација на прашање за финансиската конструкција на настанот.
Реакцијата следува по пријава од новинарката Мирослава Симоновска, која го праша Милошески зошто во јавноста сè уште не е објавена вредноста на договорот и дали постои клаузула што го спречува објавувањето на сумата.
'Дали ти изгледам јас како идиот?', возврати Милошески, по што посочи дека средбата со медиумите била посветена на организацијата и безбедноста на концертот. За прашањата поврзани со финансирањето ја упати новинарката да побара одговор од Владата.
Од ЗНМ оценија дека несоодветниот тон, личните квалификации и потценувачкиот однос кон новинарите не се дел од професионалната комуникација што треба да постои меѓу организаторите на јавни настани и медиумите.
Здружението нагласи дека новинарите имаат право слободно да поставуваат прашања во рамките на својата работа, без оглед на тоа дали тие се пријатни или непријатни за соговорниците. Комуникацијата со нив, како што посочуваат, треба да се темели на почитување на нивната професионална улога.
ЗНМ очекува укажувањето до 'Авалон продукција' да придонесе ваквите ситуации да не се повторуваат и најави дека ќе продолжи да ги штити достоинството и професионалните права на новинарите.
(0)Comments