Екипата на ОФС Битола во последното коло од фазата по групи во УЕФА Купот на регионите во дуелот против ерменскиот претставник Силисиа триумфираше со 5-3 и го освои третото место во својата конкуренција.
Силисија поведе со голот на Георги Костенков уште во 13. минута. Осум минути подоцна Давит Јавријан зголеми на 2-0, а истиот играч во 37-та по прецизно изведен удар од 11 метри му донесе предност на ерменскиот состав од 3-0. Во второто полувреме ОФС Битола прави пресврт и со пет погодоци во мрежата на противникот стигна до триумф.
Серијата голови ја отвори Мики Талески по само две минути игра од продолжението на натпреварот. Во 54-тата, Лука Лисолајски намали на 3-2. Во 58. минута црвен картон заработи фудбалерот на Силисија, Гакик Акулјан по што ОФС Битола успеа да постигне уште три гола. Во 74. минута, Хакан Алимовски од пенал израмни на 3-3, а четири минути подоцна Лисолајски беше стрелец на четвриот гол за Битолчани.
Конечниот резултат го постави Иванчо Јовановски со погодокот постигнат во третата минута од судиското надополнување. Со оваа победа ОФС Битола го освои третото место.
(0)Comments