Градските власти на Киев подготвуваат резерви од храна и од вода за пиење во очекување на продолжени прекини на електричната енергија и други вонредни ситуации во текот на претстојната зима, објавија тие на социјалните медиуми.
Приоритет ќе им се даде на најранливите жители и на оние во тешки околности. Собраните резерви може да се користат во центрите поставени за сместување на населението во текот на продолжените прекини на електричната енергија, како и за помош на погодените од вонредни ситуации.
Ќе се обезбеди храна за тимовите мобилизирани за операции за помош. Со поддршка на добротворните и непрофитни организации, Киев, исто така, ги има потребните ресурси за организирање топли оброци за 25.000 луѓе, соопшти локалната самоуправа, пренесе 'Хина'.
Исто така, градот планира да купи дополнителни 20.000 пакети со храна во случај на вонредна состојба. Локалните власти тврдат дека ситуацијата на потрошувачкиот пазар останува 'контролирана и предвидлива', а во исто време ја нагласуваат потребата од зајакнување на резервите, во очекување на потенцијалните предизвици во текот на есенските и на зимските месеци.
(0)Comments