Возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, бил приведен под сомнение дека барал мито, соопшти СДСМ, од каде случајот го поврзуваат со своите обвинувања за криминал во власта.
'Сите земаат мито, дури и возачите на Владата. Ова е ОКГ – организирана криминална група', велат од опозициската партија.
Од СДСМ тврдат дека институциите не функционираат независно и изразуваат сомнеж дека случајот ќе добие судска разрешница.
'Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди, цела Влада ќе беше уапсена', се наведува во соопштението.
Партијата случајот го споредува и со претходни случаи поврзани со лица од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека постои ризик и овој случај да заврши без одговорност.
СДСМ истовремено бара да се испита дали случајот завршува со приведениот возач или постоеле и други лица вклучени во наводното барање мито.
'Каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито? Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник?', прашуваат од СДСМ.
(0)Comments